Почетна / Бизнис / Информатичарите со највисоки плати. Новинарите на дното.

Информатичарите со највисоки плати. Новинарите на дното.

Компјутерските програмери и во мај годинава ги земаа најголемите плати. Нивната професија дефинитивно стана најплатена во нашата држава. Според најновиот извештај на Државниот завод за статистика во компјутерското програмирање, консултантските и сродните дејности во мај е исплатена просечна нето-плата во висина од 59.387 денари. Просечната плата во овие дејности од почетокот на годинава е зголемена за околу 1.500 денари, но е намалена во однос на април годинава кога изнесуваше близу 61.000 денари.

Од друга страна, најмала плата во мај земале вработените во заштитните и истражните дејности. Нивниот просек за малку ја надминува загарантираната минимална плата во државата и изнесува 13.904 денари, а покачувањето од почетокот на годинава кај нив е само 120 денари. Со тоа разликата меѓу највисоката и најниската плата во државата се задржува на 4 : 1.

Листата на петте топ професии според платата, на чиј врв се компјутерските програмери во мај ја заокружуваат банкарите со просечна плата од 51.429 денари, воздухопловците со 47.935 денари, потоа фармацевтите, кај кои просекот е 45.514 денари и вработените во складирањето и помошните дејности со 41.372 денара. Со просечни плати помали од 40.000 денари надвор од петорката останаа вработените во енергетскиот сектор и во телекомуникациите, кои до пред некоја година беа во битката за најплатена професија во државата.

Листата на петте најслабо платени дејности продолжува со рибарството и аквакултурата со 15.071 денар просечна плата, кои инаку со години редовно беа на врвот на оваа неславна листа. Третото место го зазема производството на кожа со 15.336 денари, потоа доаѓа одржувањето на згради со 15.541 денар, а најслабо платената петорка ја заокружуваат дејностите за производство и служење храна со 16.129 денари, на кои зад петици со околу 100 денари повеќе им се производителите на облека.

Најновата статистика за платите покажува дека здравствената дејност не е многу ценета, зашто таму просечната исплатена нето-плата во мај е малку над 32.000 денари, а сосема неисплатливо е да се работи во ветеринарната дејност, зашто таму во просек се земаат помалку од 19.000 денари.

Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во мај годинава е за 3,1 процент поголема отколку во истиот месец лани и изнесува 25.270 денари.

-Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Транспорт и складирање (10,0 %), Градежништво (7,4 %) и Дејности на здравствена и социјална заштита

(7,2 %). Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (16,5 %), Градежништво (3,9 %) и Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (3,6 %), наведува ДЗС во извештајот за просечната нето-плата во мај годинава.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За повисоки плати, ја качија цената на струјата

АД МЕПСО 2020 година ја заврши со загуба од 5,8 милиони евра, но тоа не …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *