Почетна / Инфо / Сите македонски претседатели.

Сите македонски претседатели.

Стево Пендаровски е петтиот што седнува на претседателската фотелја од независноста на државата. Пред него највисоката државна функција ја извршуваа четворица претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандати, а по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.

Киро Глигоров, прв претседател на РМ (1991 – 1999)

Првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, е роден на 3 мај 1917 година во Штип.

За претседател на Република Македонија Глигоров беше избран на 27 јануари 1991 година од македонското Собрание, кога доби поддршка од 114 од вкупно присутните 119 пратеници, а втор пат беше избран на првите непосредни претседателски избори одржани во октомври 1994 година.

На изборите учествуваа двајца кандидати, тогашниот актуелен претседател Киро Глигоров, кој освои 52,4 отсто (715.087 гласа) од гласовите на вкупниот број избирачи запишани во избирачкиот список, додека неговиот противкандидат Љубиша Георгиевски 21,6 отсто (197.109 гласа).
За време на неговиот мандат како шеф на државата се случија некои од најважните настани од современата историја на Република Македонија. На референдум одржан на 8 септември 1991 година беше прогласена независноста на земјата, а Македонија беше и единствената од поранешните југословенски републики која се осамостои по мирен пат. На 17 ноември 1991 беше донесен новиот Устав, а на 8 април 1993 година Република Македонија стана 181 членка на Обединетите нации.

На 3 октомври 1995 година врз претседателот Глигоров беше извршен атентат. Тој го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. Нападот беше извршен со автомобил бомба на улицата „Македонија“ во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија. Досега не се откриени ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот.

Претседателот Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во својот дом во Скопје.

Борис Трајковски, втор претседател на РМ (1999 – 2004)

Борис Трајковски, вториот претседател на Република Македонија, е роден на 25 јуни 1956 година во Струмица.

Трајковски беше инаугуриран како втор по ред претседател на Македонија на 15 декември 1999 година.

Борис Трајковски ја извршуваше функцијата претседател на Република Македонија од 15 декември 1999 до 26 февруари 2004 година, кога загина трагично во авионска несреќа заедно со осуммина соработници во близина на Мостар, Босна и Херцеговина. Тој имаше 47 години.

Бранко Црвенковски, трет претседател на РМ (2004 – 2009)

Бранко Црвенковски е третиот претседател на Република Македонија. Роден е на 12 октомври 1962 во Сараево, Босна и Херцеговина.

На третите вонредни претседателски избори во Република Македонија, одржани по загинувањето на претседателот Борис Трајковски, во вториот круг одржан на 28 април 2004 година Бранко Црвенковски беше избран за шеф на државата.

На 12 мај 2004 година ја Црвенковски ја презеде функцијата претседател и се повлече од премиерската должност и од претседателската функција во партијата.

Бранко Црвенковски ја извршуваше функцијата претседател на Република Македонија од 12 мај 2004 до 12 мај 2009 година.

За време на претседателскиот мандат на Црвенковски, Република Македонија стана земја кандидат за прием во Европската Унија.

Ѓорге Иванов, четврти претседател на РМ (2009 – 2019)

Ѓорге Иванов, е роден на 2 мај 1960 година во Валандово.

Иванов беше избран на претседателски избори одржани на 22 март и 5 април 2009 година.

На петтите по ред претседателски избори одржани во април 2014 година, претседателот Иванов како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ беше повторно избран и доби нов петгодишен мандат.

Ѓорге Иванов како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ освои 55,28 отсто, односно 534.910 од вкупниот број важечки гласачки ливчиња, додека претседателскиот кандитат на СДСМ, Стево Пендаровски, 41,14 отсто од вкупниот број гласови, односно 398.076 гласа.

Стево Пендаровски, петти шеф на државата (2019 – )

Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Факултетот за правни и политички науки, при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, а магистрирал и дикторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје.

Во изминатите 11 години бил професор на Универзитетот Американ Колеџ Скопје каде што ги предавал предметите Меѓународна безбедност, Меѓународни односи, Вовед во Политика, Глобализација, Геополитика, Надворешната политика на САД, Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и Малите држави во светската политика.

Пендаровски беше кандидат за претседател на државата на претседателските избори во 2014 година, а оваа година повторно беше избран за кандидат за претседател од страна на СДСМ и Коалицијата и победи и во двата изборни круга пред своите противкандидати Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река.

Пендаровски победи на последните претседателските избори откако освои 436.212 (51,66%) гласови во вториот круг, наспроти неговиот противкандидат Гордана Силјановска-Давкова која доби 377.713 (44,73%) гласови.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

“Сакаме парк за кучиња“

Иако се избори, и иако политичките субјекти бараат од граѓаните да им испраќаат барања за …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *