Почетна / Занимливости / “Марија“ ги “напушти“ “Луде године“

“Марија“ ги “напушти“ “Луде године“

Малкумина од екс Ју-просторот се сеќаваат на вистинското име на девојката која ја глумеше Марија, големата љубов на Боба од култниот филмски серијал „Луди години“ или попознат како „Жикина династија“, кој во режија на Зоран Чалиќ, започна да се снима во 1977 година.

Но, токму по оваа улога Риалда Кадриќ – Шебек, која деновиве ненадејно почина во Атина на 57-годишна возраст, ќе остане запаметена од генерациите кои пораснаа со урнебесниот хумор и згодите на семејствата на овие двајца главни протагонисти. Оваа мегапопуларна српски филмска сага од десет филмови, ги освои срцата и на публиката во Македонија, каде што со нетрпение се чекаше секое ново продолжение.

Пред само неколку месеци Риалда ја воодушеви носталгичната публика со најава дека по цели 30 години заедно со Владимир Петровиќ, кој го глумеше ликот на Боба, повторно ќе ја глуми Марија во новиот филм за „старото  семејство“, но… не успеа да го дочека снимањето. Веста за нејзината смрт во Атина каде што живееше последните години, на социјалните мрежи ја објави нејзиниот пријател Душан.

По актерите Драгомир Бојаниќ Гидра, Марко Тодоровиќ и Јелена Жигон, од „куќата“ на Жикина династија засекогаш замина и нивната Марија. Риалда (1963-2021) имаше само тринаесет години кога ја доби улогата на средношколка, која ја доживува својата прва голема љубов, а со тоа и непланирана, малолетна бременост. Во филмот ѝ се случи нејзиниот прв бакнеж, ненадејната популарност и предвременото созревање. Откако стекна огромна популарност во серијалот „Луди години“, таа не ја продолжи кариерата на актерка, се повлече, како професор по книжевност замина во Велика Британија, па во САД, од каде што се врати како психотарапевт во нејзиниот Белград…

Најавата дека по 30 години Марија и Боба (Владимир Петровиќ) повторно ќе се сретнат на филмското платно во новото 11. продолжение наречено „Луда година“,  веднаш предизвика голем интерес во целиот екс-Ју простор. Филмот требаше да го режира Милан Коњевиќ, а сценариото беше на Милена Марковиќ.

За поканата и прифаќањето повторно да биде дел од популарниот серијал снимен од новиот тим, таа летово за српските медиуми кажа: „Се прашувам што мислеше Марковиќ додека го замислуваше ликот на Марија, кој се вртеше на малите екрани со децении. Тоа што не ја познавам е добро, затоа што ја оживува имагинацијата“, изјави тогаш Риалда. Но, не дочека да заигра во новото продолжение.

„Во шок сум и самиот не верувам“, изјави Владимир Петровиќ за српските медиуми, откако ја слушна веста. За него новиот филм и повторна средба со Риалда, неговата Марија, ќе беше “еден добар кам-бек“.

“Вечер прес“.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

300 милиони долари е “дебела“ Парис Хилтон

Парис Хилтон е најпозната како наследничка на прочуениот луксузен ланец на хотели Хилтон, кој ‘тежи’ …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *