Почетна / Избор на Уредникот / ВЕЛИГДЕН:ХРИСТОС ВОСКРЕСНА-НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА

ВЕЛИГДЕН:ХРИСТОС ВОСКРЕСНА-НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА

 

Православните христијани денеска го слават Воскресение Христово -Велигден. Денот на Христовото воскресение Велигден е не само најголемиот туку и најстар христијански празник што се празнува од вториот век. Именден празнуваат: Величко, Велика, Велјан, Воскресија, Анастас, Анастасија…

Велигден е суштината на христијанството, потврда и на самата вера зашто како што рекол свети Апостол Павле: „Ако Христос не воскреснеше празна ќе беше и нашата вера”. Затоа на Велигден пееме: „Христос воскресна од мртвите,/ со смртта, смртта ја победи,/ и на оние што се во гробовите/ живот им дарува”.

Страдалната седмица заврши со новиот ден, денот на воскресението. Ние сме свикнале да ја делиме неделата на седум дена. Но, денес се установува тајната на осмиот ден, т.е. идниот ден, кој треба да дојде за никогаш да не заврши како што завршува секој ден на ова наше време. Христовото стануваше од мртвите е потврда на сите негови зборови, на сите негови ветувања. Подоцна апостол Павле ќе зборува: Ако Христос не воскреснеше, ќе беше залудна вашата вера, ќе беа залудни вашите надежи, зашто ќе верувавте и ќе се надевавте напразно.Утрото на третиот ден од Христовата смрт до неговиот гроб дојдоа прво жените мироносици и ја најдоа тргната плочата што го затвораше гробот. Внатре во гробот сретнаа еден пресветол ангел кој им ја кажа веста за Христовото воскресение. Оваа вест оттогаш секоја година ја објавува Црквата низ целиот свет, како најрадосна вест за целиот човечки род.

Велигден е центар на повеќе празници познати како празници со непостојан датум или како циклус велигденски празници. Нивните датуми коишто се менуваат секоја година се зависни од Велигден и се определуваат откако ќе биде одреден неговиот датум. Прочка или Проштени поклади е секогаш седум недели пред Велигден, Првата сабота по Прочка е Тодорова сабота (Тодорица), неделата пред Велигден се Цветници, саботата пред Цветници е Лазарева сабота (Лазарица), четириесет дена по Велигден, и секогаш во четврток е Вознесение (Спасовден), десет дена по него или педесет по Велигден е Духовден (Педесетница). На половина меѓу Велигден и Педесетница, односно на 25-тиот ден, секогаш во среда е празникот Преполовение, што народот го вика Руса Среда. Самиот чин на воскреснувањето на Исус Христос им дава смисла и на некои други празници од христијанскиот календар како што се Божик (денот на Христовото раѓање) потоа Светото благовештение (Благовест) Преображение, Крстовден и др.

Исус им се јавувал на своите ученици 40 дена по воскресението кога се вознесол на небото. Затоа на четириесет дена по Велигден се празнува Вознесение Христово или Спасовден. До овој празник се чувствува свечената велигденска атмосфера, а луѓето се поздравуваат со велигденскиот поздрав: „Христос воскресе” и си отпоздравуват со: „Воистину воскресе”.
Легендата вели дека црвените јајца заедно со поздравот „Христос воскресе” прво ги употребила Марија Магдалена. Таа секогаш ги слушала проповедите на Исус, прва дошла на неговиот гроб во неделата наутро, прва го видела гробот празен, прва го видела и Исуса воскреснат, а по неговото вознесение на небото тргнала по светот за да го проповеда неговото учење, но и вистината за неговата маченичка смрт, како и неговото воскресение. Кога стигнала во Рим Марија Магдалена го посетила и императорот Тибериј и подавајќи му црвено јајце го поздравила со зборовите „Христос воскресе”. Со тоа го започнала разговорот со императорот на кого како очевидец му зборувала за Исус и неговите добри дела (лекувањето болни, воскреснувањето мртви и сл.), за неправедното обвинување и маченичката смрт. Откако ги ислушал убедливите и аргументирани сведоштва на Марија Магдалена императорот Тибериј го нашол за виновен римскиот управник во Јудеја Понтие Пилат, кој иако имал моќ не го заштитил праведниот Исус, поради што за казна го преместил во Галија каде што овој умрел од тешка болест и во царска немилост. За ваквите заслуги на Марија Магдалена Светата црква ја прогласила за рамноапостолна и за прва благовесница на Христово воскресение.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

“Сакаме парк за кучиња“

Иако се избори, и иако политичките субјекти бараат од граѓаните да им испраќаат барања за …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *