Почетна / Свет / Претепан рускиот новинар кој пишуваше за корупцијата.

Претепан рускиот новинар кој пишуваше за корупцијата.

Откако рускиот истражувачки новинар беше уапсен и обвинет за продажба на дрога, три руски весници објавија идентични насловни страници со порака за солидарност „Јас сум/ние сме Иван Голунов“.

Голунов е истражувачки новинар кој работи за рускиот портал „Медуза“, чие што седиште, поради притисоци од руските власти е преместено во Летонија. Голунов најпрвин бил притворен поради поседување и продажба на дрога, а во полициската станица бил брутално претепан, открива неговиот адвокат Павел Чиков.

Докторот кој го прегледал во притвор утврдил дека Голунов заработил фрактура на ребрата, како и опасен потрес на мозокот и хематом во главата, а бил претепан само поради тоа што одбил да го потпише полицискиот извештај без присуство на неговиот адвокат.

Директорот на болницата во која Голунов бил прегледан, но не и примен на лекување, подоцна на социјалните мрежи напишал: „Голунов како новинар сигурно ги нема моите симпатии. Како што знаете, јас сум многу конзервативна личност од СССР“.

36-годишниот Голунов заврши зад решетки со сериозни повреди нанесени од полицијата, само затоа што ја вршел својата работа – истражувал корупција и илегални бизниси во Русија и пишувал за сомнителни недвижнини во сопственост на високи функционери од Москва, како и измама околу станови во рускиот главен град. Последната тема која ја истражувал била околу корупција во погебалните услуги.

Откако беше откриено дека новинарот е уапсен и претепан, стотина луѓе се собрале пред седиштето на полицијата во Москва во текот на викендот, но тие внимавале сето тоа да не изгледа како протест, затоа што во Русија се забранети ненајавените протести. Набрзо потоа била донесена одлука Голунов да биде пуштен во домашен притвор, но од редакцијата на „Медуза“ сметаат дека тоа е политичка одлука која има за цел да го оттргне вниманието на јавноста од овој контроверзен случај.

„Голунов е веројатно ставен во домашен притвор за да се смириме и да бидеме тивки, надевајќи се дека истрагата сама ќе се реши. Но, ние ќе излеземе на улиците и ќе им порачаме на истражителите, на полицијата и функционерите дека нема да се смириме се додека Иван не биде слободен и на негово место не завршат тие кои што му ја подметнаа дрогата за да му се одмаздат за неговите новинарски истражувања“, изјави еден од уредниците на „Медуза“, Сергеј Смирнов.

Голунов и сите негови пријатели тврдат дека фотографиите со дрога кои ги објавила полицијата воопшто не се направени во неговиот стан, а рускиот новинар кој тврди дека ова е местенка, 14 часа не добил право на телефонски повик.

„Моите извори ми рекоа дека не треба да работам на оваа тема (корупција во погребалните услуги), затоа што сето тоа функционирало многу добро. Ми рекоа дека на никого не му се потребни проблеми и компликации, па ни мене“, изјавил расплаканиот новинар во судницата.

Русија инаку е една од најопасните земји на светот за новинарите – закани, полициски и правосуден прогон, како и физички напади се речиси редовна појава во оваа земја со висока стапка на корупција. Повеќе руски новинари се убиени или загинале во сомнителни околности, од Ана Политковскаја која беше застрелана пред својата зграда во 2006-та година, до Максим Бородин кој наводно самиот се фрлил од прозорот минатата година.

Според “Politifact”, од 2000-та година најмалку 34 новинари, кои што работеле на случаи поврзани со корупција, пишувале против властите од Москва и слично, се убиени во Русија под сомнителни околности, а само во три случаи сторителите се осудени за затворска казна.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Русија и САД , бетер од студената војна.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска оцени дека односите меѓу Русија и Соединетите …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *